Фудбалерите на Аргентина вчера пристигнаа во Катар, со величенствен пречек од навивачите, кои денеска продолжија да лудуваат по улиците на Доха.
„Гаучосите“ со звуци на тапани, фанфари и навивачки песни ја пречекаа аргентинската репрезентација на аеродромот, а денеска на светот му приредија спектакл на улиците на градот.
Аргентинците се вистински хит, а делот од Доха наречен „Сит вакиф“ го претворија во Буенос Аирес во мало.
Доминираа аргентинските знамиња и постери на Марадона во природна големина.
Најголем дел од нив се во дресовите на репрезентацијата, но има и такви во дресовите на Бока, Ривера и други клубови.
А, колкава е приврзаноста кон националниот состав покажува примерот на 24-годишната Валера, која не бирала средства за да дојде во Катар.
„Од моите родители позајмив 8.000 долари.Сите мои пријатели се тука, немаше шанси да кажам не и да не дојдам овде“, истакнува младата Аргентинка.
„Гаучосите“ ја чекаат шампионската титула од 1986 година, кога златниот пехар во витрините го донесе Диего Марадона.
Ова ќе биде прв Мундијал откако „Златното момче на аргентинскиот и светскиот фудбал“ си замина од овој свет, а на теренот ќе се потпрат на Лионел Меси, за кого ова веројатно ќе биде последна шанса да се закити со титулата шампион на светот. Аргентина го започнува својот поход кон третата титула на Мундијалите во вторник, со мечот против Саудиска Арабија во 11 часот.