По неуспехот да се согласат за „Илинденска Македонија“, Атина и Скопје продолжуваат да бараат универзално решение на спорот за името, пишува грчкиот весник „Катимерини“ во коментар насловен „Уште едно име на масата“, истакнувајќи дека преговарачките тимови се вратиле кон четирите предлози, дадени од меѓународниот посредник Метју Нимиц.
Во коментарот се тврди дека досега разговараните имиња „Горна Македонија“ или „Нова Македонија“ претставуваат „сомнителна перспектива за изнаоѓање на решение“, бидејќи владата на Зоран Заев одбива да ги прифати за сеопшта употреба , што е задолжителен предуслов за Грција.
Соопштувајќи за ново, досега непретставено име, „Катимерини“ се повикува на добро информирани извори, според кои за време на последниот круг од преговорите предмет на дискусија станало име поврзано со Крушево и Крушевската република, прогласена за време на Илинденското востание од 1903 година.







