Откако Соединетите Американски Држави, Австралија и Велика Британија вчера открија дека Австралија на почетокот на следната деценија ќе добие нуклеарни нападни подморници, Кина рече дека трите земји „продолжија да чекорат по опасен пат“.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, посочи дека трите држави ја игнорирале загриженоста на меѓународната заедница.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера истакна дека Вашингтон, Канбера и Лондон се посветени на слободен и отворен Индо-Пацифик.
Британскиот премиер Риши Сунак, пак, рече дека тоа ќе биде првпат трите подморнички флоти да соработуваат во Атлантикот и Пацификот.
Според договорот, САД ќе ѝ продадат на Австралија три подморници на нуклеарен погон од класата „Вирџинија“ на почетокот на 2030-тите, со можност Австралија да купи уште две доколку за тоа е потребно, се вели во заедничката изјава.
Се вели дека проектот ќе кулминира со британско и австралиско производство на нова класа подморници, „трилатерално развиено“ пловило засновано на британски дизајн од следната генерација, кое би се произведувало во Британија и Австралија, со најнапредни американски технологии.
Велика Британија својата прва ваква подморница ќе ја добие најверојатно во 2037 година, а Австралија на почетокот на 40-тите.
САД, Австралија и Британија го склучија воено-безбедносниот пакт АУКУС во средината на септември 2021 година.
Пактот е направен со цел Австралија, која располага со големи резерви на ураниум, да изгради нова флота на нуклеарни подморници со помош на САД и Обединетото кралство. Крајната цел на договорот е да се зголеми присуството на западните сили во Пацификот.
Вашингтон, како дел од АУКУС, за прв пат споделува нуклеарна технологија од 1950-тите кога направи извесна соработка со официјален Лондон.
Бајден вчера нагласи дека станува збор за подморници на нуклеарен погон, но дека тие не се вооружени со нуклеарно оружје.
„Овие бродови нема да имаат нуклеарно оружје од каков било вид“, рече американскиот претседател.
Кина го осуди АУКУС како нелегално ширење на нуклеарното оружје.