Мечка гризли нападна и уби две лица во националниот парк Банф во Алберта, Канада, соопшти канадската служба за национални паркови.
Од службата соопштија дека во петокот вечерта било примено предупредување од ГПС уред кое укажувало на напад на мечка во долината на реката Ред Дир во националниот парк Банф.
Жртвите се брачен пар од Канада, а настрадало и нивното куче. Мечката а пронајдена и еутаназирана.
Ким Тишенер од здружение за заштита на дивите животни во Канада вели дека средби со мечки има се повеќе со оглед на тоа дека се повеќе луѓе се движат надвор, но дека фаталните напади се ретки.
„Причината зошто гледаме се повеќе напади е затоа што се повеќе луѓе излегуваат во природа и не се едуцирани за мечките“, рече тој, додавајќи дека податоците покажуваат дека 14 отсто од нападите на гризли во светот резултираат со смртни случаи.
Контактите со мечките се почести наесен, бидејќи тие стануваат поактивни во потрагата по храна пред хибернација во студените зимски месеци.
Националниот парк Банф, кој привлекува повеќе од четири милиони туристи секоја година, е дом и на гризли и на црни мечки.







