Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со шефовите на Владите од земјите од Западен Балкан, како и високи претставници на Влади од земјите на Европската унија и Обединетото Кралство, денеска присуствуваа на официјалното започнување на Самитот за Берлински процес.
Пред почетокот на Самитот кој се одржува во германската престолнина, Ковачевски беше пречекан од канцеларот Олаф Шолц.
Првиот Самит за Западен Балкан се одржа исто така во Берлин во 2014 година, а целта на годинешниот Самит е да се интензивира соработката и регионалната поврзаност помеѓу земјите од Западен Балкан.
Учесниците на Самитот ќе имаат можност да дискутираат за регионалната соработка и заеднички регионални пазари, за енергетска стабилност и трансформација, како и за перспективите на Берлинскиот процес и стратешките прашања.







