Премиерот Димитар Ковачевски денеска во рамки на работната посета на Прага, учествуваше на самитот на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) заедно со премиерите од редовите на социјалдемократските, социјалистичките и демократските партии.
На средбата учествуваа и Жозеп Борел, висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, како и поранешниот премиер на Грција и претседател на Сириза, Алексис Ципрас.
Средбата е во пресрет на првиот состанок на Европската политичка заедница, на кој ќе се обрне посебно внимание на економско-енергетската криза и можностите за справување со последиците од истата.
На состанокот, на кој присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, се дискутираше за важноста од негување на социјалдемократските вредности како темел на демократските општества.







