Синоќа околината на Неапол ја погоди земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала, јавува италијанскиот „Кориере дела сера“.
Потресот се случи во 20 часот и 10 минути во вулканската област Кампи Флегреи и тоа е најсилниот земјотрес во тоа подрачје во последните 40 години.
Малку пред тој земјотрес бил почувствуван еден малку послаб, со магнитуда од 3,5 степени, а после него следувале уште многу послаби потреси.
Си-Ен-Ен пишува дека супервулканот Кампи Флегреи во последните 48 часа бил среде сеизмичката бура и дека го затресле повеќе од 10 земјотреси со јачина поголема од 2 степени.
Италијанскиот национален институт за геофизика и вулканологија забележал зголемена сеизмичка активност на ова подрачје, најизразена од 2022 досега, а само во април оваа година во областа Кампи Флегреј биле евидентирани повеќе од 1.252 потреси, од кои повеќето биле многу слаби.
„Кориере дела сера“ пишува дека синоќа во Неапол настанала паника и дека луѓето излегле на улица.Најлошо било во градот Поцуола, чиј градоначалник поставил зони со шатори каде луѓето можеле да престојуваат, а им била овозможена и психолошка помош. Многумина ноќта ја поминаа на отворено, некои спиеја во своите автомобили, а некои надвор.
Од силината на нишањето настанале пукнатини на ѕидовите на зградите, а од некои згради паднале делови од фасадата.
Училиштата денеска ќе бидат затворени.
Жителите од областа каде што се случи земјотресот на страницата на Европскиот сеизмолошки институт напишаа дека тоа е најсилниот земјотрес овие денови.
„Се се тресеше!“.
„Слушнав како прозорците се тресат иако не дуваше ветер.“
„Траеше околу 30-тина секунди“, се дел од коментарите оставени под текстот на Институтот.
На еден од вулканските отвори во подрачјето Кампи Флегреи се случи и свлечиште.
Последната голема ерупција на овој супервулкан се случи во 1538 година, што резултираше со создавање на нов залив на јужниот италијански брег.
Вулканот е на околу 50 километри одалеченост од планината Везув и е подложен на појава во текот на која земјата се крева и спушта поради притисокот под површината.
Последниот голем циклус беше во 1984 година, но неколку вулканолози за Си-Ен-Ен изјавија дека областа доживува нов циклус на овие феномени.
Во зоната на земјотресот живеат околу еден милион, а повеќе од 500.000 живеат во црвената зона, веднаш до Кампи Флегреј, според италијанската агенција за цивилна заштита, која оваа година работи на ажурирање на плановите за евакуација во случај на голема катастрофа.
(Фото: Профимедиа)







