Земјите членки на Европската унија почнаа консултации во врска со барањето на Косово за кандидатски статус. Шведска, која претседава со Унијата, првите консултации ќе ги направи со оние кои не ја признаваат независноста на Косово.
„Се консултираме со многу земји за да видиме како ќе одлучиме за ова барање“, истакна шведскиот амбасадор Ларс Даниелсон на презентацијата на приоритетите на шведското претседателство, што започна на 1 јануари и ќе трае до 30 јуни годинава.
„Имаме пет земји кои не го признаваат Косово и природно е прво да се консултираме со нив. Веќе се сретнавме со некои од нив и ги продолжуваме средбите“, посочи тој.
Не сакајќи да го прејудицира исходот од разговорите за апликацијата за Косово, Даниелсон оцени дека одлуката за доделување кандидатски статус на Косово е процедурално и политичко прашање.
„Тоа е процедурална одлука, но има големо политичко значење, заради што не сакам да ги прејудицирам резултатите од консултациите. Има две алтернативи: да го предадеме или да не го предадеме мандатот на Европската комисија. Работиме на ова досие со голема волја“, вели Даниелсон.
Според редовната процедура, кога една земја аплицира за кандидатски статус, земјите-членки со консензус одлучуваат дали да и дадат зелено светло на Европската комисија, која потоа започнува со изготвување мислење дали земјата заслужува кандидатски статус.
Косово поднесе барање за кандидатски статус на 15 декември 2022 година, откако во 2008 година прогласи независност.
Меѓутоа, пет земји-членки на Унијата – Шпанија, Кипар, Романија, Словачка и Грција – не ја признаа независноста на Косово.
(Извор: „Радио Слободна Европа“)







