Законскиот амандман што го отежнува предвременото сменување на премиерот нема да стапи на сила до изборот на новиот парламент, одлучи вчера израелскиот Врховен суд.
Врховниот суд заклучил дека законот бил јасно скроен за одредена личност и дека парламентот, кога го потврдил, ги злоупотребил своите овластувања.
Израелскиот парламент (Кнесет) во март одлучи дека во иднина за отповикување на премиерот ќе биде потребно тричетвртинско мнозинство, што се сметало за многу контроверзно бидејќи се чинело дека амандманот е наменет конкретно на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Тој се обвинува дека сакал да се заштити од импичмент.
Со месеци траеше судењето за корупција на 74-годишниот премиер, а опозицијата новиот закон го осуди како „недоличен и расипан“.
Според тој закон, премиерот може да биде сменет само врз основа на ментално или физичко здравје, за да се спречи влијанието на Врховниот суд или на Канцеларијата на главниот државен обвинител.
Најновата одлука следи откако Врховниот суд во понеделникот го отфрли клучниот елемент од контроверзните судски реформи во Израел.
Законот усвоен во јули беше дел од пошироката реформа во правосудството предложена од Нетанјаху и неговата коалиција на верски и националистички партнери, што предизвика длабока поделба во Израел и загриженост за демократските начела на земјата меѓу западните сојузници.
Законот отстрани една, но не и сите алатки што ги има Врховниот суд за поништување на одлуките на владата и министрите.
Во одлуката на Врховниот суд во понеделникот стои дека спорниот закон го лишил судот од можноста да преземе мерки против „несоодветните“ одлуки на владата, премиерот или поединечни министри.
Осум од 15 судии гласале за поништување на законот, се вели во судското соопштение.
Врховниот суд во резимето на својата одлука вели дека мнозинството судии одлучиле да го укинат законот бидејќи тоа сериозно ќе и наштети на израелската демократија.
Ликуд, партијата од чии редови е Нетанјаху, го критикуваше моментот кога се донесува одлуката, велејќи дека е „за жалење што Врховниот суд одлучи да ја објави својата пресуда… додека војниците од десницата и левицата се борат и ги ризикуваат своите животи во војна“.
„Одлуката на судот е во спротивност со желбата на народот за единство, особено во време на војна“, додаваат од партијата.
Пратениците од опозицијата ја пофалија одлуката.
(Фото: Стерн.де)







