Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, на 31 август ќе го посети Скопје, информираат грчки медиуми, јавува дописникот на МИА од Атина.
Како што се наведува во текстот, посетата на грчкиот шеф на дипломатијата била најавена за време на престојот на шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, во Атина во јуни годинава.
Засега нема потврда од грчкото МНР за посетата, но некои грчки медиуми, повикувајќи се на свои високи извори, тврдат дека доаѓањето на Коѕијас е веќе сигурна работа и дека прашањето за името ќе биде главна тема за која ќе разговараат министрите за надворешни работи на двете земји.
Во грчките дипломатски кругови оваа посета на Коѕијас се смета за многу важна, особено што се реализира по средбата на грчкиот министер со медијаторот Метју Нимиц во Брисел.
„Прашањето за името ќе биде во фокусот на состанокот меѓу двајцата министри, со оглед на тоа што на нивната последна средба во Атина разговараа главно за мерките за градење доверба“, информираат некои портали во Грција додавајќи дека новата македонска Влада е многу активна и се очекува од есен да почне нови контакти во Брисел со кои ќе докаже дека земјата ги исполнува копенхашките критериуми за добрососедство и демократија“.







