Грција сака да го реши деценискиот спор околу името на Македонија, изјави грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, во Атина. Таквиот договор се очекува да ги одблокира аспирациите на Македонија да стане членка на НАТО и да почне преговори за членство со ЕУ.
„Мислам дека 2018 ќе биде годината кога надворешно-политичките прашања кои беа заглавени во кал со децении ќе се решат“, изјави Коѕијас во Атина, по одржаниот состанок на потесното раководство на грчката Влада.
„Грчката Влада поддржува и преговара за сложено име за сите употреби, она што Грција го презентираше како позиција во Букурешт и ние сме за тоа да има согласност од сите партии и политички сили на земјата“, додаде тој по состанокот во премиерската палата во Атина, кој според грчките медиуми, вонредно беше закажан за прашањето за името.
Коалициониот партнер во грчката Влада, Панос Каменос, изјавил дека останува на позицијата дека сè уште е во сила одлуката од лидерската средба во Грција во 1992 година и оти смета дека преговорите треба да продолжат. Тој рекол дека има доверба во грчкиот министер за надворешни работи, но и дека преговорите ќе бидат тешки кога ќе дојде време бидејќи политичките сили ќе треба да го формулираат конечното национално решение.
Германската агенција ДПА, повикувајќи се на грчки дипломатски извори, денеска објави дека САД вршат голем притисок за влез на Македонија во НАТО.







