Општина Бутел и Институтот за трансфузиона медицина денеска од 9 до 14 часот ќе организираат крводарителска акција во просториите на Општината.
Од прес-службата на Општината информираат дека во координација со Институтот за трансфузиона медицина се преземени дополнителни мерки за да создадат максимално безбедни услови за крводарување, како што е обучен персонал за спроведување на сите пропишани хигиенски мерки од Институт за трансфузиона медицина.
„За време на акцијата ќе биде воведен систем на обезбедување на соодветно растојание помеѓу дарителите и ќе се практикува телефонско
повикување на дарителите со цел да се обезбеди континуитет во крводарувањето во безбедни временски интервали (закажување)“, посочуваат од Општината.
Оттаму ги повикуваат сите заинтересирани лица и крводарители да се вклучат во хуманитарната крводарителска акција и да помогнат во спасување на нечиј живот.







