Во натпреварот од 1.коло од групата „Ф“ на Светското фудбалско првенство во Катар, Белгија на стадионот „Ахмад Бин Али“ ја совлада Канада со 1-0 (1-0).
Стрелец на единствениот гол беше Мичу Батшаи во 44 минута.
Канада беше многу подобар противник во првите 45 минути, но не искористи ниту една од своите бројни прилики, меѓу кои беше и пеналот, за да биде казнета на самиот крај од тој дел од натпреварот, бидејќи Белгија стигна до предност од наједноставна акција.
Притисокот на Канада им донесе пенал кога шутот на Бјукенан, Караско го блокираше со рака, а судијата Сиказве, после интервенцијата од ВАР собата, покажа на белата точка. Но, ударот на најдобриот канадски играч Дејвис одлично го одбрани Куртоа.
Како доказ за подобрата игра на Канада е и показателот дека во првите 15 минути таа репрезентација упати седум удари кон противничкиот гол, а Белгија само еден, и тоа во првата минута.
Белгија поопасно се закани во 23 минута, по комбинацијата Азар-Тиелемас-Батшуаи, но тогаш ударот на белгискиот напаѓач го блокираше Милер.
Канада можеше да поведе и во 30 и 31 минута. Најпрво, дефанзивецот Џонстон откако ја прифати топката на својата половина, помина повеќе противнички играчи и од околу петнаесетина метри биеше кон голот на Белгијците, но Куртоа го одбрани неговиот удар, а само една минута подоцна Канада направи уште една одлична акција на чиј крај Дејвид се реши на удар кој беше блокиран.
Освен пеналот на почетокот на натпреварот се случија уште две сомнителни ситуации во казнениот простор на Белгија.
Во првата Лариа беше сопрен со очигледен прекршок, но линискиот судија претходно го крена знаменцето и сигнализираше офсајд, иако на видеото снимките се гледа дека топката до канадскиот крилен напаѓач стигна од ногата на белгиски играч.
Вториот пат Витсел го оттурна Лариа, но ниту Сиказве ниту ВАР-судијата не сметаа дека тоа е доволно за пенал.
Иако во голем дел од првото полувреме беше во подредена позиција, Белгија стигна до предност. Алдервеирелд одигра долга топка од својата половина, Батшуаи втрча меѓу двајца стопери во шеснаесетникот и веднаш шутираше со левата нога, совладувајќи го Борјан.
Во судиското надополнување стигна најголемата шанса на Канада од натпреварот. Повторно Лариеа пројде по десната страна, уфрли ниска топка во петерецот, а таму Бјукенан со лизгачки старт ја зафати топката но таа отиде над голот.
Силниот пресинг на Канаѓаните во второто полувреме очекувано спласна, па Белгијците многу полесно се бранеа од нивните напади и почесто доаѓаа во прилика да се заканат од контранапад.
Најдобрата шанса за израмнување во продолжението ја имаше Канада во 8. минута кога Џостон одлично нафрли, Ларин шутираше со глава, но Куртоа повторно беше на место.
Ова е втор настап на Канада на светските првенства, во 1986 година ги загубија сите три меча без постигнат гол, а во Катар почнаа со пораз без постигнат гол, но остави исклучително добар впечаток.
Во првиот натпревар од оваа група Хрватска и Мароко одиграа 0-0.
Така, Белгија е на врвот на табелата со три бода, Хрватска и Мароко имаат по еден, додека Канада е на дното без бодови.
Хрватска во 2.коло во недела од 17 часот ќе игра против Канада, додека истиот ден од 14 часот играат Белгија – Мароко.