Опсежна истрага за корупција и перење пари се спроведува во Европскиот парламент. Во Белгија се приведени потпретседателката Ева Каили и поранешниот европратеник Пјер – Антонио Панцери.
Корупцискиот скандал испраќа шокантни бранови низ европарламент и, воопшто, низ целата Европска унија
Според белгиското државно обвинителство истрагата се води против наводна криминална организација, обиди на една земја од Заливот да влијае на економските и на политичките одлуки на Европскиот парламент, како и за наводите за корупција и перење пари.
Извршени се 16 претреси и пет апсења. Меѓу другото, одземени се и 600.000 евра во готовина и мобилни телефони.
Сомнежите се дека во аферата е вмешан Катар, односно дека заливската земја се обидува да влијае на политичките и економските одлуки на Европскиот парламент.
Белгиските медиуми јавуваат дека е очигледно оти заливската држава Катар се обидела да влијае врз политиката на Европскиот парламент и потсетуваат на последниот говор на Ева Каили на 21 ноември 2022 година кога зборуваше за ситуацијата во Катар. Таа во Европскиот парламент зборуваше за актуелното Светско првенство во Катар. Овој спортски настан го опиша како доказ дека „спортската дипломатија може да донесе историска промена во земјата чии реформи го инспирираа арапскиот свет“. Истакна, меѓу другото, оти Катар е пионер кога се во прашање работничките права.
Меѓу приведените се и новоизбраниот генерален секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати, Лука Висентини, и директор на една невладина организација и асистент во Европскиот парламент.
Лука Висентини во ноември беше избран за генерален секретар на Конфедерацијата на синдикати од целиот свет, која претставува повеќе од 200 милиони работници.
Доколку се потврдат обвинувањата за европратениците и членовите на персоналот на Европскиот парламент, тоа би бил еден од најсериозните корупциски скандали во Брисел во последните децении.

„Обвинувањата мора целосно да се истражат. Постои закана од губење на довербата во Европскиот парламент, иако тој всушност е еден од најтранспарентните парламенти во Европа“,
Даниел Фројнд.
Европратеникот Даниел Фројнд, копретседател на Европската парламентарна антикорупциска интергрупа, е згрозен од обвинувањата за корупција во европските институции. Нагласува дека има нулта толеранција за корупција. Во врска со случајот вели:
„Сегашниот инцидент покажува колку агресивно трети земји се обидуваат да извршат влијание во Европската унија. Оние кои го прават тоа со незаконски средства, па дури и со поткуп, мора да бидат казнети. Во Брисел всушност постојат релативно добри правила за лобирање. Сепак, трети земји се целосно изземени од нив. ЕУ мора веднаш да го подобри ова. Лобирањето од трети земји мора да биде објавено во лоби регистар. Треба да се обелоденат средбите со претставници на трети земји.“
Парите, дециден е Фројнд, не смеат да купуваат влијание во ЕУ. Самиот сомнеж, истакнува тој, е неподнослив.
(Фото: Илустрација)







