Австрискиот канцелар Себастијан Курц најавува поостар став на официјална Виена кон Турција и кон претседателот на таа земја, Реџеп Таип Ердоган.
Курц истакнува дека доста се седело со „скрстени раце“ и дека новата австриска влада сега ги контролира сите институции и утврдува злоупотреби на џамиите и финансирање на имами од странство.
Австрија, според неговите зборови, нема да дозволи да ја заплашат заканите што стасуваат од Анкара.
„Тирција прави притисок на државјаните на Австрија и Германија со турско потекло и го спречува нивното интегрирање со злоупотреба на нивните национални чувства и вера. Тоа е спротивно на нашите напори за интеграција, а воедно е и лошо за соживотот“, изјави Курц за АТВ.
Австрискиот канцелар вели дека неговата земја ќе дејствува секаде каде што треба, колку и да се закануваат од Анкара.
„Не верувам во грешки во преводот на изјавите на Ердоган. Тој јасно кажува што мисли и што сака, а тоа е многу проблематично“, порача Курц.
Курц, исто така, најави дека Австрија во текот на претседавањето со Европската унија, во втората половина од оваа година, ќе се бори против продолжување на пристапните преговори со Турција, посебно против отварањето на поглавјата, додавајќи дека за тоа постои консензус во Унијата.







