Претседателот на ЛДП Горан Милевски денеска повторно апелираше за промена на изборниот модел во пресрет на предвремените избори што би требало да одржат напролет.
„Во однос на актуелната состојба ЛДП уште еднаш апелира и инстистира до другите политички партии да се промени изборниот модел. Инсистираме да има една изборна единица без праг. Врз основа на тоа ЛДП, но и други политички партии треба да донесат одлука за нивниот настап на следните избори“, рече Милевски.
ЛДП се уште нема дефинитивна одлука како ќе настапува на следните избори. За партијата, вели Милевски, има две алтернативи или самостоен настап или продолжување на актуелната коалиција.
„За да продолжите коалиција треба да имате договор со нив за што ќе се залагаме понатаму. Но, исто така, многу значајни се и изборниот модел и начинот на избор на пратеници. Граѓаните очекуваат тие да си ги бираат пратениците во Парламентот, а не политичките лидери. Таа шанса не смееме да им ја одземе на граѓаните,“ рече претседателот на ЛДП.







