Хуманитарната организација Лекари без граници објави дека во бегалскиот камп Ал Хол во североисточна Сирија условите се катастрофални.
Во деталниот извештај објавен денеска, „Лекарите“ го критикуваат недостатокот на заштита од насилство, беззаконие и хуманитарна ситуација во која се наоѓаат десетици илјади поранешни поддржувачи на Исламската држава и членови на нивните семејства.
„Ние сме меѓу два огна: меѓу безбедносните сили, од една, и екстремистите, од друга страна. Тоа е еден вид затвор. Таму нема слобода…“, се наведува во извештајот изјавата на жител на кампот.
Многумина стравуваат дека безбедноста и условите за живот дополнително ќе се влошат и дека таму би можеле да останат заглавени доживотно.
Според податоците на ОН, во кампот живеат повеќе од 50.000 луѓе, многу од нив се жени и деца, како и странски државјани.

Хуманитарната организација во извештајот предупредува во извештајот на се поголемото влијание на екстремистичките групи во логорот и го критикува лошото менаџирање на курдските Сириски демократски сили (СДФ), поддржани од САД, кои се надлежни за кампот.
Во извештајот се додава и дека родителите и старателите изразиле длабока загриженост за благосостојбата и психосоцијалниот развој на своите деца.
Исто така, врз основа на искази на нивни пациенти, жители на Ал-Хол и сведоштва на нивниот персонал, Лекари без граници во извештајот наведуваат оти луѓето во кампот немаат можност да заработат за живот и дека „и понатаму се држат во услови исти на затворските, со многу ограничен пристап до основните услуги“.
(Фото: ЕПА)







