На почетокот на секоја година се објавуваат податоците за висината на просечна и минимална плата од Државниот завод за статистика. Согласно Законот за социјални придонеси, Фондот ги објавува лимитите за остварени приходи поради потребата од пререгистрација за лицата со ниски примања, со цел да имаат континуитет во здравственото осигурување. Бидејќи за минатата година има зголемување на висината на минимална плата, што е еден од параметрите за зголемување на законскиот лимит, годинава има поголеми лимити за здравствено осигурување, согласно нето приходот на осигуреникот кое го има остварено како семејство во 2017 година.
Секоја година во периодот од 1 февруари до 31 март, лицата со ниски примања беа обврзани да дојдат да дадат изјава на шалтерските служби во Фондот, со цел да го продолжат правото на здравствено осигурување кое им го покрива државата преку Министерството за здравство.
Годинава продолжува автоматската пререгистрација и затоа се известуваат лицата со ниски примања, кои во минатата година оствариле нето приход под 144.000 денари дека нема потреба да дојдат во подрачната служба на Фондот за да се пререгистрираат и нивното здравствено осигурување автоматски ќе се продолжи. Да информираме дека лимитот според кој граѓаните го остваруваат ова право бележи континуиран раст од 96.600 денари во 2014 година до 115.080 денари во 2015 година, 120.960 денари во 2016 година и 144.000,00 денес што е последица на растот на минималната плата.
Фондот автоматски ќе ги пререгистрира и лицата кои последните два месеци оствариле приход помал од 24.000 денари, а се во категоријата на осигуреници кои оствариле приход од 144.000 денари до 204.480 денари минатата година. Другите две категории осигуреници кои плаќаат 50 отсто или 100 отсто од здравствениот придонес на просечна плата, ако се во рамките на лимити 144.000 денари до 204.480 денари, исто така не е потребно да дојдат да се пререгистрираат на шалтерите на подрачните служби на Фондот.
На осигурениците на кои автоматски ќе им се продолжи здравственото осигурување, нема да добиваат нови решенија по пошта. Лицата на кои нема да им се продолжи здравственото осигурување поради повисоки приходи од наведените лимити ќе добијат решение по пошта и ќе треба да дојдат во подрачната служба да го регулираат своето здравствено осигурување.
Лицата кои ова право не го искористиле и не се во базата на Фондот, а се во овие категории на приходи, потребно е да дојдат и да се пријават на шалтерите во подрачните служби на Фондот. Исто така и лицата кои првпат поднеле пријава за здравствено осигурување во текот на месец јануари 2018 година потребно е да дојдат на шалтерите во Фондот повторно да се пријават, согласно сегашните објавени законски лимити, бидејќи истите за 2017 година се зголемени со цел да го остварат правото на здравствено осигурување. Бројката на лица кои поднеле првпат барање во јануари 2018 година изнесува 3953 лица и истите потребно е да дојдат и да се пререгистрираат. Воедно и лицата кои имаат промена во висината на нето приходите, потребно е да дојдат во подрачните служби на Фондот од 1 февруари до 31 март оваа година и да донесат документи за нова пререгистрација.
Се потенција дека како приходи на семејство се сметаат личните и приходите на членовите на носителот на здравственото осигурување ( брачен другар, деца).
Доколку се утврди дека осигуреното лице спаѓа во друга категорија со повисоки приходи, а не пријавило дека има приходи и користело здравствени услуги, Фондот по службена должност ќе донесе решение за престанок на својството на осигурено лице, со што му се укинуваат правата од задолжителното здравствено осигурување, освен правото на итна медицинска помош.
За сите подетални информации поврзани со Проектот за регистрација/пререгистрација на невработените лица, осигурениците може да се обратат на бесплатната инфо линија 080033222 или на мејот: „info@fzo.org.mk“ како и на веб-страницата во делот на пререгистрација на лица со ниски примања.







