Медиумскиот пропагандист и подбуцнувач за војна, Владимир Соловјов, во своето последно повеќечасовно ток-шоу на руската државна телевизија Русија 1, ја изненади дури и руската јавност со изјавата дека Полска, Финска и балтичките држави – Литванија, Летонија и Естонија – „сакаат да се вратат дома“, повторно под закрила на „мајка Русија“.
Владимир Соловјов истакна дека овие земји биле дел од Руското царство, а балтичките држави и дел од СССР и дека доста „убаво и добро се развивале“ додека биле дел од Русија. Освен тоа, констатираше дека финската култура се „формирала во времето кога Финска беше дел од Русија“.
Во тој контекст ја спомена и Романија. Соловјов се повика и на уште една важна пропагандна карика на Кремљ, главната уредничка на ТВ станицата „Русија денес“ (Russia today – РТ), Маргарита Симонјан, која, да потсетиме, отворено се залага за употреба на нуклеарно оружје доколку Русија почне да ја губи војната во Украина и тврди дека се повеќе соседни земји сакаат „да се вратат во прегратките на Русија“.
Владимир Соловјов напомена дека токму овие земји во моментов се најголемите „русофоби“, дека ним Русија залудно им донела слобода и дека омразата кон Русија и Русите им е во прв план. Патем наведува „дека тие земји го избраа тешкиот и комплициран пат на нивното враќање во „руските прегратки“.
Финска, на почетокот на 19 век (во 1809 година) после Фредрикшамнскиот мировен договор стана дел од Русија и беше дел од неа до распадот на Руското царство во 1917-1918 година, кога стана независна држава.
Русија, односно СССР, ја нападна Финска на крајот на 1939 година, а откако не успеа да го смени тамошниот режим (во Ленинград била подготвена финската марионетска болшевичка влада на чие чело бил финскиот комунист Ото Кусинен), зазеде 11 отсто од нејзината територија, кој и денес е дел од Русија. Минатата недела Финска стана 31-ва членка на НАТО сојузот.
Поголемиот дел од Полска со Варшава (но без Краков) после Виенскиот мир во 1815 година стана дел од Русија, но по падот на Руското царство државата ја врати својата независност.
Во 1919 година, младата советска држава ја нападна Полска и војуваше се до 1921 година, кога ја загуби војната и беше принудена да се повлече. Според тајниот договор Молотов – Рибентроп од август 1939 година, СССР и нацистичка Германија ја поделија Полска.
Германија на 1 септември 1939 година ја нападна Полска (тоа беше почеток на Втората светска војна), две недели подоцна и Русија ја нападна Полска, а окупираните подрачја ги припои кон СССР, главно кон Белорусија и Украина.
Исто така, во 1940 година, СССР анектираше романскитеритории – Буковина и Молдавија.
Балтичките држави во 1721 година пак доспеаја под руска власт, а по Октомвриската револуција сите три балтички држави станаа независни. Меѓутоа, според договорот меѓу СССР и нацистичка Германија во 1939 година, трите држави биле окупирани од Црвената армија, а потоа припоени кон СССР со статус на советски социјалистички републики. Со распадот на СССР во 1991 година, тие ја вратија својата независност, а потоа во 2004 година станаа членки на ЕУ и НАТО.







