Маж вооружен со нож беше уапсен вчеравечер кај Ајфеловата кула откако неколку минути пред полноќ, на сила се проби преку една безбедносна контрола со извикот „Алах акбар“, потврдија денеска повеќе извори.
Во инцидентот нема жртви и засега е исклучена можноста дека станува збор за тероризам. Париското Јавно обвинителство отвори истрага за поттикнување на тероризам и обид за убиство, соопшти судски извор.
„Осомничениот ја поминал првата контрола оттурнувајќи припадник на безбедносните служби со рамото. Потоа тој извадил нож, извикувајќи „Алах акбар“, додаде уште еден извор близок до истрагата.
„Тогаш војниците му наредиле да го остави ножот на земја. Тоа го направил без отпор и веднаш е приведен“, изјави изворот.
„Станува збор за човек кој имал психички проблеми во минатото и кој на крајот на јули бил ослободен со психијатрија“, вели извор вклучен во истрагата.
Според првичните податоци, уапсеното лице е Французин роден во 1998 година во Мавританија.
После инцидентот „полицајците спроведоа темелно пребарување на локацијата каде што се случи инцидентот и побараа евакуација на присутните околу половина час после полноќ, петнаесетина минути пред предвиденото време за затворање“, објави компанијата што управува со Ајфеловата кула, без притоа да прецизира колку посетители имало во тој момент на кулата.
Ајфеловата кула е отворена во неделата наутро, како и обично, во 9 часот.
Кулата прима посетители секој ден до полноќ, а вратата се затвора во 00,45 часот.







