Умерена подготвеност на земјавава е генералната оценка на Европската комисија која денеска треба да го објави Нацрт-извештајот за Македонија.
Потребна е, стои во извештајот, ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад-хок иницијативи, јави Радио Слободна Европа.
Во економските критериуми е наведен добар напредок, а во усогласеноста на земјава со европската надворешна и безбедносна политика има многу добар прогрес.
Работата на Собранието била нарушена со политичката поларизација, што го одложило усвојувањето на многу закони.
Потребно е, велат, добро планирање и консултации за да се ограничи носењето на закони по брза постапка, а пратеничките прашања треба да бидат почести.
Направени биле реформи во службите за безбедност, но треба да се зајакне капацитетот за парламентарен надзор врз работата на тајните служби, а забележано е дека доцни донесувањето на законите за административни службеници и законот за вработени во јавниот сектор.
„Државната комисија за спречување на корупцијата беше проактивна во справување со случаите на непотизам и политичко влијание во процесот на вработување во јавниот сектор и при назначувањето членови на надзорните и управни одбори“, стои во извештајот.
Во однос на усогласеноста на Македонија со надворешната и безбедносна политика на Европската Унија се наведува многу добар прогрес со тоа што земјата целосно застана на страната на Унијата во однос на руската инвазија врз Украина.
И правниот систем постигнал одреден степен на подготвеност и е умерено подготвен. Комисијата утврдила оти била започната подготовка за нова судска реформа, за која сметаат дека мора да биде посистематска. „Судството ја покажа својата заложба да го заштити својот интегритет и независност“, стои во извештајот.
Земјата постигнала одредено ниво на подготовка и е умерено подготвена за превенција и борба против корупцијата, како и дека за голем број предмети има првостепени пресуди, а отворени се постапки и против високи владини функционери.
Во извештајот, меѓу другото, стои дека земјата е умерено подготвена во однос на слободата на изразување, а реформите во Македонската радиотелевизија се закочени поради одложувањето на именување членови во Програмскиот совет. Потребно е решавање на работничките права на новинарите, стои во извештајот.
Земјата одржувала добри односи со другите земји од регионот кои се во евроинтегративниот процес. Се наведува дека Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни.
Во однос на економските критериуми, Македонија постигнала добро ниво на подготовка во развојот на функционална пазарна економија и било потребно подобрување на управувањето со јавните инвестиции. Банкарскиот сектор останал стабилен, но од друга страна големата сива економија го кочела бизнисот.