Македонскиот камерен состав трио АУРА денеска во Белград ќе одржи концерт на покана од меѓународниот фестивал БУНТ.
Триото на белградската сцена ќе се претстави со дела од Лефевр, Коетсиер, Димушевски и Пиацола, а концертот ќе се одржи во познатата сала Гуарнериус.
„Аура“ го сочинуваат тројца македонски музички уметници–флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски.
Тројцата работат како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка, Србија, Словенија за кои добиваат позитивни оценки.
Триото АУРА има долгогодишна и богата концертна активност, изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови.
Често промовираат премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав.
Нивното заедничко камерно музицирање го карактеризира изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот.







