Македонската партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) најостро го осудува притворањето на Едмонд Темелко, градоначалник на општина Пустец, под обвинение за „изборни нерегуларности за локалните избори во Република Македонија во 2013 година“.
МАЕИ, потврдува дека Едмонд Темелко секојдневно ги извршувал работните обврски градоначалник на општина Пустец во Република Албанија чие што државјанство и пасош, исто така, ги поседува, но никогаш не се криел, ниту се дал во бегство, туку редовно се јавувал секоја среда, прво во Основниот суд Скопје 1, а потоа во Основниот суд Ресен, во согласност со претходно утврдените мерки на претпазливост при што му беше одземен само македонскиот пасош.
МАЕИ укажува дека иако Специјалното јавно обвинителство и Основниот суд Скопје 1 знаеја дека Едмонд Темелко е државјанин и на Република Албанија, никогаш не му беше изречена мерка на претпазливост со која што му се забранува да ја напушта територијата на Република Македонија.







