Проектот „Клима инвертери за граѓаните“ ќе стартува денес, веднаш по владината седница во Штип, најави заменик министерот во Министерството за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.
Макрадули посочи дека нема правни пречки за реализација на големиот еко-проект.
„Расчистени се сите правни дилеми, пренесени се финансиските средства до општините, а тие со своја програма ќе ги определат зоните и ќе овозможат имплеметација на проектот за клима инвертери“, рече Макрадули кој денеска во Битола ги посети основните училишта „Кирил и Методиј“ и „Александар Турунџев“ каде со владина поддршка се реализираат еко-проекти.
Со проектот се предвидува 10 илјади семејства од Скопје, Тетово, Битола и Кичево да добијат субвенции од по 1000 евра за купување инвертер клима во замена со печките на огревно дрво. Предност ќе имаат домаќинства со ниски приходи.







