Фудбалерите на Манчестер јунајтед го однесоа на „Олд Трафорд“, првпат во историјата на клубот, трофејот втор по значење на Стариот континент.
Во финалето на Лига Европа „црвените ѓаволи“ во Стокхолм го совладаа холандски Ајакс со 2:0 (1:0), и така покрај трофејот, што можеби повече им значи, изборија пласман во Лигата на шампиони следната сезона.
Избраниците на Жозе Мурињо потполно заслужено го носат трофејот во Манчестер. Тие од првата минута ги контролираа случувањата на теренот, потполно ги неутрализираа сите напади и обиди на Ајакс, за чија немоќ на оваа средба најдобро сведочат само трите удари во рамки на голот за деведесет и нешто минути во стокхолмското финале.
Јунајтед од првиот судиски свиреж заигра агресивно, со висок пресинг ги запираше нападите на Ајакс во самиот зачеток, така што голот на Пол Погба во 18 минута беше вовед во славењето на „ѓаволите“.
Францускиот репрезентативец на дваесетина метри од голот ја прими топката, направи чекор два напред и шутираше, а таа на патот кон голот го закачи Санчез и малку го промени правецот, доволно за да заврши во мрежата на Ајакс.
Младите фудбалери на Ајакс на оваа средба беа потполно безопасни, а и оние малку напади кои „мирисаа“ на можна опасност по голот на Манчестер, не успеаја да завршат ниту со обид да се загрози голманот Ромеро.
Почетокот на второто полувреме наговестуваше значително агресивна игра на Ајакс, но после само три минути на семафорот стоеше 2:0.
Мата изведе корнер од десната страна, Смолинг беше највисок во скокот и топката ја спушти во петерецот, каде најдобро се снајде Мхитаран и во пад ја проследи во голот на противникот, кој после тоа немаше сили да се врати во игра.







