Министерството за внатрешни работи, по повод тригодишнината од настаните во кумановско Диво насеље, каде загинаа осуммина полицајци, објави соопштение нагласувајќи дека институциите во земјата ќе ја осигураат правдата и оти одговорност за овие настани мора да има.
„На денешен ден, бележиме три години од еден од најтрагичните настани кои оваа земја ги памети. Во Диво Насеље во Куманово, изгубивме осум човечки животи, осуммина припадници на полицијата. Овој нечовечки и противдржавен чин не смее никогаш да се повтори!
Припадниците на полицијата се тука да ги штитат граѓаните и уставниот поредок на државата и не смеат никогаш да бидат жртви на никакви поинакви интереси.
Овие осум херои ги жртвуваа сопствените животи за да ги заштитат граѓаните, жртва за која треба сите да се вложиме и да работиме вредно, за веќе никогаш да не ни се случи.
Нашето заедничко, Едно општество за сите е гарант на мирот и соживотот. Граѓаните секогаш ќе ја паметат нивната храброст, а иституциите во Република Македонија ќе ја осигураат правдата, како должност и кон нивните семејства и кон населението.
Одговорните за настаните во Диво Насеље ќе се соочат со одговорноста. Граѓаните на Република Македонија секогаш ќе се сеќаваат на херојството на овие бранители.“, пишува во соопштението.
Во Диво Насеље животите ги загубија:
Жарко Кузмановски (р. 1981), од с. Брвеница, Тетово
Ненад Серафимовски (р. 1987), од с. Зубовце, Гостивар
Сашо Самојловски (р. 1982), од с. Брвеница, Тетово
Бобан Ивановиќ (р. 1968), од с. Стајковци,
Скопје Горан Илијевски (р. 1974), од Гостивар
Исамедин Османи (р. 1983), од с. Студеничани, Скопје
Љубиша Аранѓеловиќ (р. 1966), од Скопје
Горан Стојменовиќ (р. 1970), од Миладиновци, Скопје.







