Министерството за внатрешни работи информираше дека вчера во 19.20 часот на регионалниот пат Удово-Демир Капија, кај место викано „Раскрсница Удово“, полициски службеници од Станицата за граничен надзор и граничен премин „Богородица“ ги лишиле од слобода М.С. (22), од тетовско Желино, и две години помладиот од него А.Џ. од Тетово.
А.Џ. се сомничи дека со патничко возило „мерцедес“, со словачки регистерски таблички, превезувал 10 лица мигранти од Сирија, а пак М.С. со „мерцедес“ со тетовски таблички одел пред него како претходница за да го информира ако види полициска контрола.
Според информациите, околу 16.20 часот на автопатот А1, кај клучка Смоквица, полициски службеници дале знак за запирање на возилото „мерцедес“ со словачки таблички, што од правец на Гевгелија се движело кон Велес и Скопје. Возачот не застанал, туку го продолжил движењето. Кај местото викано „Раскрсница Миравци“ на километар два од таму изгубил контрола и излетал од коловозот, по што побегнал.
Притоа, во возилото биле пронајдени 10 лица, мигранти од Сирија, кои биле смeстени во Прифатно–транзитен центар Винојуг во Гевгелија за понатамошна постапка.
По преземени мерки, во 19.20 часот кај Удово, осомничените биле пронајдени и лишени од слобода, а по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена кривична пријава.
(Фото: МВР)