Два големи медиуми, Блумберг и Си-Ен-Би-Си, на своите веб-страници истовремено предупредуваат дека временските непогоди веќе претставуваат реална опасност за европската туристичка индустрија, која тежи околу 2.000 милијарди евра.
Досега оваа теза ја засноваат првенствено на топлотните бранови кои предизвикуваат пожари во Грција, а во Италија ги туркаат температурите на нивоа кои никогаш не биле забележани во Европа.
Другите временски непогоди, како што се невообичаено силните бури, сигурно нема да му помогнат на медитеранскиот летен туризам.
Најзначајниот извор на несигурност на туристите е зголемувањето на цените.
Според тезите на Си-Ен-Би-Си, кои се засноваат на истражување на непрофитна организација со седиште во Брисел наречена Европска комисија за патувања, популарноста на медитеранските дестинации паднала за околу 10 отсто во споредба со 2022 година, кога Европа го доживеа најтоплото лето во историјата. Заклучокот на комисијата е дека туристите почнаа да избираат поладни локации. Исто така, од таму тврдат дека е забележан значителен раст на интересот за Чешка, Бугарија, Ирска и Данска.
Дополнително, се тврди и дека туристите при планирањето на одморите и патувањата во текот на оваа туристичка сезона, повеќе барале „евтини искуства“ надвор од главниот летен дел од сезоната.Не е јасно дали тоа значи дека хотелиерите и изнајмувачите на приватни апартмани би можеле да се надеваат на подобра посета во вториот дел од септември, па дури и во октомври.
Дури четвртина од анкетираните туристите на европско ниво изјавиле дека се загрижени поради зголемувањето на цените на патувањата, додека осум отсто се плашат од екстремните временски услови.
Хрватска не е во групата медитерански земји кои поради временските непогоди завршија во фокусот на вниманието на големите европски медиуми, кои се окупирани со ситуацијата во Грција.
Пожарите на грчкиот остров Родос предизвикаа евакуација на 19.000 туристи во неделата, а Би-Би-Си вчера ја опиша драмата во текот на која туристите мораа да ги напуштат хотелите, да спијат по аеродроми и спортски и конференциски сали, па дури и на патиштата.
Ништо од тоа не е пријатно туристичко искуство.
„Сè повеќе ќе се соочувате со ова ако одите на одмор во јужна Европа во текот на летните месеци“, изјави Бил МекГваер, почесен професор по геофизички и климатски опасности на Универзитетскиот колеџ во Лондон, за Си-Ен-Би-Си.
Не треба премногу да се плашиме дека некогаш необичните дестинации за летен туризам сега ќе се обидат да ја искористат приликата од незадоволството на туристите традиционално ориентирани кон Медитеранот по прашањето на цените и лошите временски услови.
Си-Ен-Би-Си пишува: „…во смисла на туристичкиот маркетинг, тоа е малку тешко да се продаде“
„Генерално, го продаваме нордиското искуство и фактот дека има изобилство на природа и свеж воздух.Но, позиционирањето како спротивност на потоплите земји веројатно нема да има корист на Естонија на долг рок“, смета Рајнер Аавик, шеф за туризам во „Ентерпрајс Естонија“.
Во Естонија просечната температура е околу 20 степени Целзиусови и ретко надминува 30 степени.
Останува, секако, отворено прашањето што ќе се случи со медитеранскиот туризам ако Атина, на пример, почне да изгледа како предворје на Сахара.
Идиличниот летен одмор за илјадници луѓе се претвори во кошмар откако беа евакуирани од грчките острови зафатени од пожарите – последниот потсетник дека европската туристичка индустрија мора да се соочи со стварноста на климатските промени и брзо да се прилагоди.
„Летата се се поинтензивни во јужна Европа, а пожарите во Грција се ужасно повторување на смртоносните пожари што ја опустошија земјата во 2021 година. Неподносливите горештини оваа година ги присилија властите да го затворат Акропол и ги натераа туристите на италијанскиот остров Сардинија да се засолнат во затворени простории. И тоа со само 1,2 °C глобално затоплување во споредба со прединдустриските нивоа.Научниците велат дека ќе се влоши дури и ако го задржиме порастот на температурата до целта на Парискиот договор од 2 степени“, предупредуваат од Блумберг и објаснуваат: „Климатските промени ќе го направат времето погодно за туристите на некои места непрепознатливо. Студија од 2019 година предвидува дека според климата во 2050 година Мадрид ќе личи на северноафриканскиот град Маракеш, Лондон ќе личи на Барселона, а Стокхолм на Будимпешта. Ова би било тектонска промена за европската туристичка индустрија, која минатата година кон регионалната економија придонесе со 1,9 трилиони евра (2,1 трилиони американски долари) и ќе ги промени моделите на патување на начин што веројатно ќе ги погоди некои земји во јужна Европа“.
Добра вест е што најголемиот тур-оператор во Европа, германскиот ТУИ, тврди дека не гледа премногу значајни реакции на туристите на топлотните удари, но Блумберг, сепак, заклучува:
„Иако се проценува дека европскиот туристички сектор ќе расте со просечна годишна стапка од 3,3 проценти до 2032 година, зачестеноста на екстремните настани во јужна Европа може да ги натера патниците кон дестинации во северниот дел на континентот“.
Топлотните бранови, заклучува Блумберг, можат долгорочно да ја намалат привлечноста на јужна Европа како туристичка дестинација или барем да ја намалат побарувачката во лето.







