Лошата судбина во осминафиналето ниту после 28 години не ги одмина Мексиканците. И покрај храбрата, отворената и на моменти убава игра, „гаучосите“ загубија од Бразил со 0:2, и тоа беше седми пат по ред на мундијалите да испаѓаат токму во овој круг. Од 1990 до 2018, секогаш исто ги снаоѓа.
„Горд сум на своите играчи. Игравме константно добро, игравме наша игра, не се прилагодувавме кон никој противник. Мислам дека тоа многу зборува за нас. Во секој случај, мислам дека треба да продолжиме да се развиваме. А, според мое мислење, би било добро што повеќе од нашите репрезентативци да одат во Европа. Таму би играле посилни натпревари и би стекнувале искуство“, рече селекторот на Мексико, Хуан Карлос Осорио, инаку Колумбиец.
Осорио спортски го поднесе поразот од „кариоките“, но беше лут поради однесувањето на Нејмар на теренот.
„Тоа е срам за фудбалот. Загубивме многу време заради еден играч. Исто така, својот стил на игра го загубивме во второто полувреме поради судијата Роки. Тоа, секако, му штети на фудбалот“, истакна Осорио.
Мексико во Русија ги победи Германија (1:0) и Јужна Кореја (2:1), а загуби од Бразил и Шведска (0:3).