Мексико поднесе официјална кандидатура за Олимписките игри во 2036 година, објавија во заедничка изјава Министерството за надворешни работи на земјата и Мексиканскиот олимписки комитет (COM).
Министерот за надворешни работи, Марсело Ебрард, рече дека ќе го информира Комитетот за промоција на игрите на 30 ноември како прв чекор во процесот.
„Се гледаме себеси како успешна и амбициозна земја. Ние сме единствената земја која ќе биде домаќин на три Светски фудбалски првенства, ние сме силна земја со една од најдобрите економии во светот“, им изјави Ебрард на новинарите.
Мексико Сити беше домаќин на Олимпијадата во 1968 година.
Претседателката на Олимпискиот комитет на Мексико, Марија Хозе Алкала, истакна дека Мексико се разгледува како кандидат од јули, кога претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, испрати писмо во кое го изрази своето воодушевува од потенцијалната кандидатура.
Освојувачката на олимписки медал во атлетика, Ана Габриела Гевара, која е директорка на Националната комисија за спорт, претходно изјави дека е економски неизводливо земјата да биде домаќин на Олимпијадата.
Како одговор, Ебрард рече дека системот за финансирање на Олимпијадата е променет и дека владата ќе учествува со само 10 отсто од вкупните трошоци, додавајќи дека Мексико веќе има инфраструктура за настанот.
„Ќе ги почнеме студиите што ги бара МОК за да се земат предвид промените што се случија во финансирањето на Олимписките игри… во овој процес нема долгови. Олимпијадата треба да одговара на градовите, а не обратно, немаме намера да ги градиме, а потоа да не ги користиме објектите. Би имале 15 години, доволно време сето тоа да го организираме. Ако Мексико предложи нешто, тоа и ќе го постигне“, изјави Ебрард.
(Фото: Дојче Веле)







