Австралискиот град Мелбурн постави рекорд по најдолго кумулативно траење на време кое градот го проведе во карантин заради пандемијата со корона вирус.
Главниот град на сојузната австралиска држава Викторија, на источниот брег, со вчерашниот ден „собра“ вкупно 245 денови кои ги преживеа со налог да се остане дома, објави телевизискиот канал АБЦ.
Мелбурн, така, го надмина претходниот рекорд кој го држеше Буенос Аирес. Аргетинската престолнина издржа 234 денови карантин, од 20 март до 11 ноември 2020 година и краток 10-дневен локдаун од 21 мај до 31 мај оваа година, наведе АБЦ.
Мелбурн моментно е во своето шесто целосно затворање откако почна пандемијата со корона вирус и локдаунот би требало да трае најмалку уште три недели.
Бројот на случаи на зараза во државата Викторија дури неодамна го надмина соседниот Нов Јужен Велс, каде што бројот на случаи почна да паѓа откако го достигна очигнедно максимумот.
Во Мелбурн луѓето се на работ на нервите. Во септември стотици луѓе неколку денови беа на улиците протестирајќи против задолжителното вакцинирање во секторот градежништво.
Се проценува дека оваа сојузна држава до 26 октомври ќе достигне вакцинираност на лица постари од 16 години од 70 отсто, со што би доѓло до крај на локдаунот според утврдените правила.
Но, државниот премиер Даниуел Андрејс рече дека не ја исклучува потребата утврдените мерки да се продолжат ако за тоа има потреба.
Австралија со 25 милиони жители долго се бореше со стратегијата за потполно искоренување на вирусот, но откако не успеа да ги запре неколкуте избивања на заразата со делта варијантата, се сврте кон цели за остварување со одредена стапка на вакцинација, како начин да се излезе од „затворањето“.
Австралија моментно има 105.000 случаи на заразени и повеќе од 1.200 починати поврзани со ковид од почетокот на заразата.
(Фото: ЕПА)







