Општината Аеродром потпиша меморандум за соработка со Центарот за едукација и менаџмент во спортот. Документот го потпишаа градоначалникот на оваа локална самоуправа Златко Марин и директорот на центарот Бојан Захариев.
Целта на колаборација е едукација на млади спортисти од општината, во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, како и со Агенцијата за спорт и млади на РМ, во делот на унапредување на училишниот и масовниот спорт и поддршка на индивидуалните спортови. Дополнително, во рамките на овој меморандум, се предвидуваат и истражувања на искористеноста и подобрување на инфраструктурата, организација на трибини, меѓународни турнири и активности во насока на подобрување на условите за работа во спортските клубови, како и хуманитарни манифестации од областа на спортот.
Во соопштението од општината Аеродром стои дека оваа локална самоуправа во 2018 година ќе воведе еднократна финансиска поддршка за талентирани спортисти, за да ги поттикне младите да ги реализираат своите амбиции и да придонесе за развивање на спортот во општината.







