Прв пат после правењето на коалициски договор со социјалдемократите, Ангела Меркел вчера доцна попладнето беше гостин на Емануел Макрон во Елисејската палата, каде што разговарале за иднината на Европа. Била, меѓутоа, ова прилика Макрон пред се да дае поддршка на германската канцеларка пред неделното изјаснување на конгресот на СДП.
Макрон изразил задоволство поради пронаоѓањето на начелен коалициски договор оценувајќи го тоа како позитивно за европскиот проект и порача дека на Франција и е потребна Германија за да ја реформираат Европа. Еден од компромисот кој Ангела Меркел го направила за социјалдемократите е реформата и јакнењето на еврозоната во соработка со Франција. Сеуште, меѓутоа, не се знае како тоа ќе изгледа во пракса.
Двајцата државници се договориле и дека на 55-годишнината од Елисејската спогодба која, како договор за пријателство, на 22 јануари 1963 ја потпишаа тогашниот француски претседател Шарл де Гол и германскиот канцелар Конрад Аденауер, ќе објават заедничка декларација како основа за нова спогодба во текот на оваа година.







