Германската канцеларка Ангела Меркел ги повика денес европските земји да се држат заедно во светлото на новите неизвесности во врска со САД и другите предизвици, порачувајќи дека Европа „мора да ја земе судбината во свои раце“ пред Брегзит и претседателскиот мандат со Доналд Трамп.
„Минаа времињата во кои можевме во потполност да сметаме едни на други. Тоа го почуствував во изминативе два дена“, изјави Меркел на предизборниот собир во Минхен, пренесе АФП.
Таа напомена дека, иако Германија и Европа ќе настојуваат да останат во добри односи со Америка и Британија, „Европјаните мораат да се борат за сопствената судбина“.
Како што додаде, посебен акцент треба да се стави на топлите односи меѓу Берлин и новоизбраниот француски претседател Емануел Макрон.
Пораката на Меркел следеше откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави вчера дека сеуште не донел одлука за тоа дали ќе го поддржи Парискиот договор за климата.
„Конечната одлука за Парискиот договор ќе ја донесам следната недела“, напиша Трамп на својот Твитер профил на последниот ден од самитот на Г7 во Италија.







