Германскиот производител на автомобили „Мерцедес-Бенц“ повлекува речиси милион постари возила ширум светот поради можни проблеми со сопирачките.
Компанијата во текот на викендот соопшти дека ќе контактира со сопствениците на одредени автомобили бидејќи на нивните сопирачки можеби влијаела корозија. Повлекувањето се однесува на вкупно 993.407 возила, од кои 70.000 се во Германија.
„Мерцедес“ минатата година повлече сличен број автомобили поради безбедносен проблем со нивниот систем за итни повици. Минатиот февруари, компанијата повлече повеќе од милион автомобили поради дефект во поставката „eCall“, која ги предупредува службите за итни случаи за несреќа и ја пренесува локацијата на возилото.
Компанијата соопшти дека возилата во ова повлекување биле произведени помеѓу 2004 и 2015 година и дека припаѓаат на сериите „МЛ“ и „ГЛ“ на теренци и луксузни моноволуменски возила од класата „Р“.
„Утврдивме дека во некои од тие возила на сопирачките можеле да бидат погодени од корозија во пределот на куќиштето. Постои можност, особено при силен маневар на сопирање, да бидат предизвикани механички оштетувања на засилувачот на сопирачките“, соопштија од „Мерцедес“ во саботата.
„Во тој случај, не би било можно да се забави возилото, што би го зголемило ризикот од судир или повреда“, се додава.
„Мерцедес“ наведе дека веднаш ќе започне со повлекување на возилата и дека процесот ќе вклучува проверка на потенцијално неисправните автомобили и замена на делови.







