Најмалку седум лица загинаа, а 90 се спасени во бродска несреќа кај грчки остров, соопштија денеска грчките власти.
Грчката крајбрежна стража наведе дека спасила 90 луѓе од бродолом кај мал остров северно од островот Антикитера во јужна Грција.
Седум тела се извлечени од водите на Средоземното море, а потрагата продолжува, додаваат тие.
Грција е една од главните рути за мигрантите и бегалците од Африка, од Блискиот Исток и поширокиот регион кон Европската унија, но протокот на мигранти се намали од 2015 и 2016 година кога повеќе од еден милион луѓе поминаа низ земјата до други членки на Унијата.
Ова е веќе втор бродолом во Егејското Море оваа недела.
Ноќта, меѓу вторникот и средата, потона брод кај островот Фолегандрос, а се верува дека на него имало 50 мигранти.







