Огромен метален цилиндар е пронајден на плажа во Западна Австралија, а полицијата ги повика граѓаните да се држат подалеку од неидентификуваниот и потенцијално „опасен“ предмет, кој први вчера попладне го забележале жителите во близина на градот Грин Хед.
Полицијата на Западна Австралија соопшти дека се обидува да ја утврди природата и потеклото на предметот, за кој не веруваат дека потекнува од комерцијален авион.
Исто така, ги повикаа луѓето да се воздржат од донесување на какви било избрзани заклучоци, особено откако во јавноста веќе почнаа да се шират гласини за НЛО.
Некои мистериозниот објект дури го поврзаа со исчезнатиот малезиски авион на летот MH370.
На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа предмет со бакарна боја и во оштетена состојба.
Тој би можело да биде дел од некој поголем објект, затоа што неговата долна половина е откорната од некоја целина, од неговото потекло, а освен тоа е преполн со жици и кабли.
Два метри долгиот цилиндричен предмет покриен со школки е пронајден на одалечена плажа северно од заливот Јуриен, пишува „Индипендент“.
Полицијата соработува со армијата за идентификација на објектот, а во истрагата се вклучи и Австралиската вселенска агенција, која засега не ја исклучува можноста дека се работи за дел од некоја странска вселенска ракета.
Експертите велат дека објектот можеби е дел од индиски сателит лансиран на Месечината.
Се сомневаат дека е резервоар за гориво на ракетата ПСЛВ (Polar Satellite Launch Vehicle).
Последната ПСЛВ мисија беше таа на ПСЛВ-55, ракета која беше успешно лансирана во април оваа година.
Ова е втор мистериозен објект во облик на проектил кој е пронајден во рок од три недели – во јуни еден таков беше виден како лебди близу брегот во Перт. Австралиските одбранбени сили мораа да ја детонираат направата, за која беше утврдено дека е поморска сигнална ракета.







