Во багажникот на авион на аеродромот Гетвик во Лондон, Велика Британија, пронајдено е машко тело, соопшти денеска британската полиција.
Полицијата во соопштението наведе дека авионот летал од главниот град на Гамбија, Банџул, кон аеродромот во Западен Сасекс, пренесува Гардијан.
Телото било пронајдено на 7 декември, а сега првпат го објави случајот.
„Ова е многу тажна вест и нашите мисли се со семејството и пријателите на починатиот“, изјави портпаролот на аеродромот Гетвик.
Портпаролот на авиокомпанијата рече дека можат да потврдат дека истрагата е во тек.
„Полицајците спроведуваат истрага и подготвуваат извештај“, се наведува во соопштението на полицијата во Сасекс.
Портпаролот на владата на Гамбија вели дека, во случајов, станува збор за неидентификуван Африканец.
(Фото: Аеродром „Гетвик“ – Илустрација)







