Предвремени парламентарни избори до пролет, поддршка на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во ставот на неприфаќање промени на Уставот и усвојување на предлозите за закрепнување на економијата, се главните барања што ги усвои Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница во Прилеп.
„Првото барање е организирање на избори најдоцна до пролет 2023-та година како единствен излез од економската и политичка криза и неприфаќање на промена на Уставот под диктат на Бугарија. Второто барање е итно усвојување на нашите предлози кои се однесуваат за закрепнување на економијата, стандардот и општественото живеење“, истакнаа на од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Имаме одлични решенија за да ги спасиме граѓаните од кризата …. “
Владо Мисајлоски
Потпретседател на партијата, Владо Мисајловски, го наведе пакетот од преку 10 мерки, предлози на партијата, кои се во Собранието како предложени амандмански решенија за новиот буџет, како нешто многу важно на што не треба да се чека ниту минута.
„Бараме одложување на зголемувањето на даноците преку одложување на предвиденото прогресивно оданочување од први јануари 2023, спречување на зголемување на цената на струјата за домаќинствата и бизнисот преку одложување на предвиденото зголемување на ДДВ за струја од 5 на 10 проценти, воведување викенд без ДДВ до крајот на кризната состојба, поддршка на домашните компании преку намалување на акцизата за течни горива, парична помош на ученици од основно и средно образование од семејствата со месечни примања помали од просечната плата, субвенции за зголемување на висината на студентскиот оброк од 120 на 160 денари, реконструкција на студентските домови, набавка на нова медицинска опрема за јавните здравствени установи, зголемување на буџетот за набавка на инсулин, како и зголемена капитација на бодовите за матичните лекари, стоматолози и гинеколози, информираше Мисајловски.
На прашањето за ставот на партијата за влез на Алијанса на Албанците во владата, рече дека ако сакаат да го победат ДУИ, треба да останат во опозиција.
„Лично сметам дека е лошо кога албанските опозициски партии сметаат дека со влез во владата ќе го подигнат својот рејтинг, а забораваат една клучна работа, дека на претходните избори се обидуваа да го победат ДУИ, а сега влегуваат ‘во брак’ со него. Сепак, ова сѐ уште не е реалност. Да почекаме, да видиме. Јас мислам дека за нив е подобро да си останат опозиција, ако сакаат да го победат ДУИ“, истакна Мисајловски.