Во текот на нашето работење, како еден од членовите на раководството најодговорно тврдам дека никогаш не се работело врз основа на било каков анимозитет туку исклучиво врз база на докази, рече првообвинетиот Сашо Мијалков на денешното рочиште за предметот „Тортура“ каде заедно со уште 6 припадници на единицата Алфа е обвинет за извршена тортура при апсењето на Љубе Бошкоски, јавува макфакс.
„Во случајот со апсењето на Бошкоски постоеле докази врз основа на кои надлежниот судија дал налог за апсење за кривично дело за кои јавноста имаше прилика да го види од видео материјалите на кои се гледа како Бошкоски по трет пат зема незаконито 100 илјади евра во кеш кои ги фрла за да се ослободи од нив.
Се дава во бегство по што овластените службени лица од Бирото за јавна безбедност видовме како го уапсија согласно стандардите и обуките кои ги имаат поминато“, рече Мијалков по што додаде дека ниту еден доказ во постапката досега не укажал на тоа дека станува збор за анимозитет како причина за апсењето на Бошкоски.