Човек вооружен со самострел, кој беше уапсен по обидот да упадне во замокот Виндзор, каде кралицата Елизабета го славеше Божиќ, е приведен според Законот за ментално здравје, соопшти вечерва лондонската полиција.
Полицијата информираше дека 19-годишник од Саутемптон во јужна Англија бил запрен неколку моменти откако влегол во имотот на замокот утрината на Божиќ и дека, наводно, не упаднал во ниту една од зградите.
„Момчето е приведено и подложено на проценка на менталното здравје, по што е задржан на психијатриска клиника, според Законот за ментално здравје, и извесно време ќе остане под заштита на медицинскиот персонал“, се наведува во полициското соопштение.
Во него се додава дека кај 19-годишникот било пронајдено оружје – самострел.
Кралицата Елизабета, која го најголемиот дел од пандемијата на ковид го помина во замокот Виндзор, таму ги поминува и божиќните празници заедно со нејзиниот син, принцот Чарлс, неговата сопруга Камила и другите членови на семејството.
Уапсениот тинејџер користел скала од јаже за да ја премине метална ограда, пишуваат британските медиуми.
(Фото: ЕПА)







