По многуте реакции од ВМРО ДПМНЕ, се јави Министерството за образование и наука (МОН), нарекувајќи ги лажни и лицемерни тврдењата на оваа партија во однос ребалансот на буџетот.
Според МОН, стапката на реализација на предвидените проекти за првите пет месеци годинава, т.е. периодот во кој работеше минатата влада, е исклучително ниска – во просек изнесува шест отсто и е невозможно до крајот на годината да се реализира 94 отсто од планираниот Буџет.
„Истакнуваме дека вината за малата стапка на реализација во претходните пет месеци мора да се посочи во минатата Влада, нејзината неактивност и неизвршување на работните обврски“, стои во реакцијата на МОН.
Притоа, се додава дека локалните самоуправи, кои во најголем број се раководени од политичката партија ВМРО – ДПМНЕ, не издаваат одобренија за изградба на училиштата и спортските сали, правејќи застој и свесно и намерно опструирајќи го целиот процес и инвестиции во образованието.
„Ја известуваме јавноста дека основните и средни училишта нормално и непречено ќе ја вршат својата работа до крајот на годината, а квалитетот на образованието, наставата, или пак ученичкиот стандард во ниту еден случај нема да страдаат, туку напротив, ќе ги издигнеме на повисоко ниво“, тврди МОН.







