Велика Британија вчера најави нов пакет санкции против Иран, насочени кон оние кои учествуваат во донесувањето одлуки, од кои некои се вклучени во трговијата со оружје и им се закануваат на британските граѓани.
Сегашниот британски сет на санкции се фокусира на човековите права, но според новите предлози опсегот на критериуми ќе се прошири.
„Иранскиот режим го угнетува сопствениот народ, извезува крвопролевање во Украина и на Блискиот Исток и се заканува со убиства и киднапирања на територијата на Обединетото кралство“, рече британскиот министер за надворешни работи, Џејмс Клеверли.
„Денес Велика Британија испрати јасна порака до режимот: нема да толерираме такво однесување и ќе мора да одговарате. Благодарение на нашиот нов пакет на санкции, оние кои нам сакаат да ни наштетат повеќе нема да имаат каде да се кријат“, додаде тој.
Иранското Министерство за надворешни работи го повика на разговор британскиот амбасадор од амбасадата во Техеран заради „деструктивните британски изјави и мешањето во нивните работи“, објави иранската телевизиска мрежа Ал Алам која емитува програма на арапски јазик.
Велика Британија соопшти дека според новиот пакет, кој ќе биде усвоен оваа година, поединци и компании ќе подлежат на санкции доколку придонесат за загрозување на мирот и стабилноста на Блискиот Исток и во други земји.
Во соопштението се додава дека до Советот за безбедност на Обединетите нации се предадени докази за тоа дека Иран продолжува да испраќа оружје до Хутите во Јемен, а и во Русија.
Според новите критериуми, санкциите можат да бидат насочени и кон оние за кои Британија тврди дека учествуваат во иранските обиди да ја загрозат демократијата и владеењето на правото во Обединетото Кралство, како и во активности насочени против британскиот народ и имотот или британските сојузници.
Велика Британија тврди дека Иран најмалку 15 пати од почетокот на минатата година се обидел да киднапира, па дури и да убие британски државјани или поединци кои живеат во Британија.
(Фото: АП)







