Откако рибарски брод кој превезувал стотици луѓе се преврте кај Грција, 24-годишниот Ајад за момент остана заробен под вода. Стотина очајни раце го повлекувале надолу, во длабочината. Меѓу нив имало и раце на деца, кои за разлика од него не знаеле да пливаат. Тој го преживеа бродоломот.
„Ги оттурнав. Мислам дека се мртви“, изјави со зарипнат глас младиот Сириец во интервју за британски „Тајмс“.
Ајад е еден од 104-те лица кои беа спасени во најголемата мигрантска трагедија во Средоземното море во последните неколку години.
Преживеаните, во сведоштвата дадени за „Тајмс“ и „Ла Република“, ја обвинија крајбрежната стража за превртувањето на бродот, додека грчките власти ги демантираат сите обвинувања.
Рибарскиот брод на 8 јуни тргнал од Либија кон Европа. Ајад бил на последниот мал чамец што превезувал мигранти од брегот до бродот. Слушал како шверцерите изброиле 750 лица на бродот и видел како ги фрлаат кесите со храна и вода за да направат место за уште патници.
Мажите четири дена седеле на палубата на сонце, додека жените и децата биле заклучени во складишниот простор, наводно, за да ги заштитат од мажите во преполнетиот брод.
„Гардијан“ дознал дека пакистанските државјани биле заклучени под палубата, а членовите на екипажот го малтретирале кога ќе се обиделе да побегнат во потрага по вода.
На петтиот ден од патувањето, кога биле во близина на грчкиот брег, моторот запрел.
Очајни и гладни, луѓето на бродот стапиле во контакт со италијанската крајбрежна стража преку сателитски телефон. Тие, пак, ги известиле грчката крајбрежна стража и Фронтекс, европската агенција за заштита на границите.
Малтешки и грчки товарен брод во текот на попладневните часови испратиле голем пакет со храна и се обиделе да се приближат до бродот со мигрантите.
Според грчките власти, мигрантите одбиле помош. Но, преживеаните од бродоломот тврдат дека бродот на грчката крајбрежна стража врзал јаже за лакот на рибарскиот брод и се обидел да го влече. Откако се скинало јажето, врзале уште едно и тргнале напред, пред нагло да свртат лево, а потоа десно. Ова движење, наводно, предизвикало насилно да се заниша рибарскиот брод и на крајот да се преврти. Ајад и другите преживеани велат дека грчката крајбрежна стража стоела во близина со часови, не правејќи ништо за да им помогне на луѓето кои се давеле.
После три часа конечно почнале да пристигнуваат чамци на грчките власти.
„Спасувачите ни викаа да молчиме и нè удираа со гумите за спасувачи“, вели Ајад.
На бродот се наоѓеле околу 750 мигранти од Сирија, Египет, Пакистан и други земји.
Меѓу преживеаните нема жени ни деца.
Грчката крајбрежна стража соопшти дека пренатрупаниот рибарски брод се упатил кон Италија и одбивал секаква помош до неколку минути пред да потоне.
Но, активистите рекоа дека луѓето на бродот биле во опасност и ги повторувале молбите за помош повеќе од 15 часа пред да потоне бродот.
Условите биле толку мрачни што, дури и пред да потоне бродот, шест мажи умреле од жед.
„Можам да посведочам дека овие луѓе бараа да бидат спасени од која било влада“, рече Навал Соуфи, мароканско-италијанска социјална работничка и активистка.
Соуфи ја испратила ГПС локацијата на рибарскиот брод до иницијативата „Аларм Фон“ (Alarm Phone), која е посветена на спасување бегалци на море, а тие потоа ја пренеле информацијата до властите во Италија, Грција и Малта.
(Фото: АФП)







