Алберто Нуњез Фејо, лидерот на конзервативната Народна партија, која, на вчера одржаните парламентарни избори, освои најмногу гласови, но не доволно за формирање влада, ги повика другите политички партии и актуелниот премиер Педро Санчез „да не ја блокираат Шпанија“, туку да му дозволат да формира малцинска влада.
Народната партија освои 136 пратенички места во 350-члениот парламент, но дури и во потенцијална коалиција со десничарскиот Вокс, не може да ги достигне 176-те пратеници колку што е потребно за формирање влада.
„Премиерот треба да биде тој што освоил најмногу гласови и пратенички места“, рече 61-годишниот Фејо од седиштето на партијата во Мадрид, каде што вчеравечер го прослави изборниот резултат.
„Блокадата воопшто нема да и користи на Шпанија“, истакна тој.
Актуелниот премиер Педро Санчез со неговата Шпанска социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) го зазеде второто место добивајќи 122 места во парламентот. Санчез, исто така, нема доволно пратеници за да формира влада дури и со поддршка на групата леви партии Сумар и сепаратистичките леви партии на Каталонија, Баскија и Галиција.
Тој лев блок освои вкупно 172 пратенички места, а десниот 170, па малку е веројатно формирање влада во наредните недели.
Фејо рече дека ќе разговара со другите партии, пред да почне во парламентот гласањето за владата, следниот месец.
Санчез, убеден дека Фејо нема да добие поддршка од партиите за формирање малцинска влада, гледа можност да остане на власт.
„Многу повеќе не има тие кои сакаме Шпанија да напредува, наместо да уназадува со Народната партија и Вокс“, рече Санчез во обраќањето до неговите поддржувачи.
Санчез, доколку Фејо не успее да формира влада, ќе се обиде да создаде малцинска коалиција со левите и регионалните сепаратистички партии.Во гласањето за таква влада, пресудна улога би можела да има каталонската централно десничарска партија „Заедно за Каталонија“ (Junts per Catalunya).
Станува збор за партијата на поранешниот каталонски премиер Карлес Пуџдемон, кој е во егзил во Белгија од 2017 година, откако организираше забранет референдум за отцепување на Каталонија од Шпанија.
Од таа партија порачаа дека „ништо нема да му дадат на Санчез ако не даде нешто за возврат“.
Санчез ја отфрла идејата за одржување договорен референдум за независност на Каталонија, богата автономна покраина со 7,5 милиони жители, истакнувајќи дека таквото гласање е спротивно на шпанскиот устав и претходната одлука на Уставниот суд.
Доколку партиите до октомври не се договорат за формирање влада, Шпанците повторно ќе излезат на избори.
Шпанија овој месец го презеде претседавањето со Европската унија до крајот на декември.
(Фото: ЕФЕ / Ројтерс)








