На Светското првенство во фудбал во Катар денеска ќе се одиграат првите натпревари од четвртфиналето, меѓу Хрватска и Бразил и Аргентина и Холандија.
Натпреварот меѓу селекциите на Хрватска и Бразил на програмата е од 16 часот, додека Аргентина и Холандија својот меч ќе го одиграат од 20 часот.
Репрезентацијата на Хрватска во осминафиналето ја елиминира Јапонија по подобро изведување пенали, додека Бразил рутински ја совлада Јужна Кореја со 4:1.
Овие две селекции се сретнаа четири пати, од кои два пати на Мундијалите.
Бразил има три победи, две на светските првенства и една во пријателски натпревар, а еден пријателски меч заврши без победник.
Аргентинците се пласираа во четвртфиналето на Мундијалот по победата од 2:1 над Австралија, додека репрезентацијата на Холандија беше подобра од селекцијата на САД со 3:1.
„Гаучосите“ и „лалињата“ се сретнаа девет пати, повеќето од тие средби беа на мундијали.
Најпознатото секако е финалето од 1978 година, во кое Аргентина ја оствари единствената победа во меѓусебните средби (1-4-4), ако не се бројат две победи на пенали.
Последните два дуела завршија без голови, но во 2014 година „гаучосите“ со триумфот на пенали обезбедија финале, во кое подоцна беа поразени од Германија.
Двата четвртфинални натпревари ќе ги пренесува МТВ на својот прв канал, како и ТВ Арена спорт на каналот Премиум 1.







