Нов Зеланд денеска го укина првиот закон во светот за забрана на продажба на тутун за идните генерации, соопшти владата. Новите правила требаше да стапат на сила од јули.
Станува збор за најстрогиот закон против тутунот во светот, со кој ќе се забрани продажба на сите родени по 1 јануари 2009 година, ќе се намали содржината на никотин во цигарите и ќе се намали бројот на продавачи на тутун за повеќе од 90 проценти.
Новата коалициска влада избрана во октомври лани претходно потврди дека ќе го укине законот по итна постапка, што ќе и овозможи да ја заобиколи јавната дебата, во согласност со претходно најавените планови.
Помошникот министер за здравство, Кејси Костело, рече дека коалициската влада е посветена на намалување на пушењето, но презеде поинаков регулаторен пристап за да ја обесхрабри оваа навика и да ја намали штетата што ја предизвикува.
„Наскоро ќе донесам пакет мерки за зголемување на достапните алатки за да им се помогне на луѓето при откажување од пушењето“, истакна Костело.
„Одлуката за укинување на законот се коси со цврсти докази од истражувања, ги занемарува мерките кои силно ги поддржуваат лидерите на Маорите и ќе ја зачува нееднаквоста во здравството“, вели Џенет Хоек, професорка од Универзитетот во Отаго.
„Клинички испитувања од големи размери и студиите за моделирање покажуваат дека законодавството брзо ќе ги зголеми стапките на престанок од пушење меѓу пушачите и значително ќе им отежне на младите да почнат да пушат“, посочи Хоек, ко-водач на група која истражува начини за намалување на пушењето.







