На светските берзи цените на нафтата паднаа и минатата недела, четврта пат по ред. Падот на цените е последица на стравувањата на трговците дека заради забавувањето на растот на најголемите светски економии ќе ослабне побарувачката за „црното злато“.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 1,5 отсто, на 74,17 долари, додека на американскиот пазар барелот поефтини за 1,8 отсто, на 70,04 долари.
Серија неодамнешни податоци покажуваат дека закрепнувањето на кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот, не е толку брзо како што се очекуваше после укинувањето на рестриктивните ковид мерки.
Од друга страна, растот на американската економија, најголемиот светски потрошувач на нафта, веќе подолго време забавува, бидејќи тамошната централна банка веќе една година ги зголемува каматните стапки за да ја спречи инфлацијата.
Можно е и натамошно зголемување на каматите, што дополнително би ги забавило активностите во економијата.
Така, во петокот, гувернерката на ФЕД, Мишел Бауман, рече дека централната банка можеби ќе треба уште еднаш да ги зголеми каматите доколку инфлацијата остане покачена.







