Годишниот извештај на Платформата на Советот на Европа за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите, објавен денеска од 14 меѓународни организации за слобода на печатот, идентификува 201 инцидент што сериозно ја загрозуваат слободата на печатот во 47 земји-членки на Советот на Европа за 2020 година. Оваа бројка претставува зголемување од 40 отсто во споредба со 2019 година.
Рекорден број предупредувања се однесувале на физички напади (52 случаи) и акти на вознемирување или заплашување (70 случаи).
Меѓу случаите во кои новинари биле мета на навреди и закани се наведени случаите на Тања Милевска, дописник на МИА од Брисел, Мери Јордановска, од А1он.мк и Искра Коровешовска, уредник на ТВ Алфа.
Милевска, Јордановска и Коровешовска беа мета на закани и навреди преку Интернет.
Во извештајот на Платформата на Советот на Европа за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите се наведени и вербалните напади во некои земји како Србија, Словенија и Турција што биле дело на претставници на јавните власти, вклучително и министри и шефови на држави.
Меѓу другото, се анализираат сериозните закани за слободата на печатот, како што е
неказнивоста за злосторства извршени врз новинари – вклучително и 24 случаи на убиства на новинари кои досега останаа неказнети – заземање на независни медиуми од страна на државите, вознемирување на судски процес, политички притисок врз медиумите од јавниот сервис и надзорот над новинарите.
Исто така, се посочува на специфичната закана за слободата на печатот предизвикана од исклучителните ограничувања наметнати во 2020 година на активноста на новинарите со законите и регулативите за итни случаи донесени како одговор на пандемијата Ковид-19.