Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, вчера ја повика Шведска да преземе конкретни чекори за да го спречи палењето на Куранот, изјави извор од турското Министерство за надворешни работи.
Фидан во телефонски разговор му рекол на својот шведски колега, Тобијас Билстром, дека продолжувањето на таквите „подли работи“ под превезот на слободата на изразување е неприфатливо.
Фидан и Билстром разговарале и за барањето на Шведска за членство во НАТО, додаде изворот.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон вчера рече дека разговарал со данската премиерка Мете Фредериксен и дека се согласиле дека ситуацијата е опасна.
„Мораме да преземеме мерки за јакнење на нашата отпорност“, се вели во неговата објава на Инстаграм.
Шведската влада рече овој месец дека ќе испита дали може да го промени шведскиот Закон за јавен ред за да и даде можност на полицијата да ги запре демонстрациите кои ја загрозуваат безбедноста на Шведска.
„На крајот, се работи за одбрана на нашите слободни и отворени општества, нашата демократија и правото на нашите граѓани на слобода и безбедност“, рече Кристерсон.
Шведска и Финска веднаш по рускиот напад на Украина аплицираа за членство во НАТО.
Финска беше примена за членство на почетокот на летото, додека Турција го одложи потврдувањето на приемот на Шведска, замерувајќи и дека го овозможува делувањето на курдските бунтовници, кои Турција ги смета за терористи.
Неодамна, на самитот на НАТО на почетокот на јули, Турција конечно објави зелено светло за ратификација на приемот во турскиот парламент, но после тоа повторно дојде до чинот на палење на примерок од Куранот во Стокхолм, што предизвика нови бројни протести во муслиманските земји.
(Фото: Ројтерс)








